Today: 29.Jun.2017
Super User

Super User

Во пресрет на 5-ти декември – Меѓународниот ден на волонтерите, во Битола беа доделени Националните волонтерски награди за 2015 година, во организација на Младинскиот културен центар - Битола како Волонтерски центар на Македонија, со поддршка на Програмата Civica Mobilitas.

Златен волонтерски сертификат за 2015 година за волонтерска иницијатива им беше доделен на:

  • Здружението на граѓани “ЛЕГИС” Скопје, за волонтерскиот ангажман за хуманитарна помош за бегалците и мигрантите кои транзитираат низ Македонија, како и за лобирање за промени во Законот за азил и овозможување на слободен транзит низ Македонија

 

  • Иницијативата Ретвитни Оброк - континуирана акција на неформални група, односно твитерџиска акција која ги обединува готвачите и гладните. Активисти ја готват храната дома и истата ја носат зад куќата на Мајка Тереза и ја споделуваат со бездомници, сиромашни или луѓе кои немаат пари ниту за леб. Започнаа со група од околу 10-тина готвачи, а сега после 100-та сабота на успешно спроведена акција на Ретвитни Оброк се постигна многу повеќе, се зголеми бројот на волонтерите и донациите како од индивидуалци така и од хотели, здруженија, маркети и константно се зголемува и бројот на заинтересирани граѓани кои помагаат.

 

  • Иницијативата На точак“ - „Критична маса - На Точак“ е отворен концепт кој се шири низ светот со брзина побрза од таа на точакот. Критична маса е отворена платформа за средби, размена на идеи и акции на сите кои имаат интерес за велосипедизмот.  Овој Сертификат е наменет за целата иницијатива На Точак но со оглед на тоа што во сите 6 градови има различни тимови, сите иницијативи (Битола на точак, Скопје на точак, Штип на точак, Гостивар на точак, Тетово на точак и Прилеп на точак) добија „Златен волонтерски сертификат“ за 2015.

 

По доделувањето на сертификатите, во кафе барот Порта џез се одржа јавна дискусија на тема ,,Волонтирањето како прв чекор во вклучувањето на граѓаните во развој на заедницата,,. Воведничари на оваа тема беа Златко Талевски од МКЦ Битола, Марјан Забрчанец, граѓански активист и Андреј Багнато, волонтер од Мировниот корпус, додека со дебатата модерираше Сашо Додовски од МКЦ Битола.  

На дебатата беше посочено дека за долгорочен развој на волонтирањето во Република Македонија потребно е да се дискутира и разреши прашањето за редефинирање на перцепцијата за тоа што е волонтирањето во суштина и како да се доближи изворниот концепт на волонтирањето до пошироката јавност и граѓаните. Оттука на дебататa се дискутираше за:

 

-        Граѓанскиот активизам започнува со волонтирање: колку се волонтира во граѓанскиот сектор во Македонија?

-        Волонтирањето наспроти практиканството: разграничување на концептите пред јавноста;

-        Законот за трансформација на работни места и неговото влијание врз волонтирањето во јавните институции;

-        Унапредување на овозможувачката околина за развој на волонтирањето во локалната заедница: состојби и предизвици;

 

-        Презентација и искуства од САД и од работата на волонтерите на Peace Corps во Македонија;

Tagged under

По повод Меѓународниот ден на волонтерите Цивика мобилитас го организираше првиот национален форум на тема „Граѓански ангажман и волонтирање“, на 4 декември 2015 г. од 10:00 до 20:30 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) - Скопје. Форумот се состоеше од неколку настани посветени на волонтерството (доделување награди за волонтерство, дебата) и саем на општествени промени.

 

„Волонтерството е во фокусот на денешниот ден, затоа што тука е силата за мобилизација на целото граѓанско општество од кое се очекуваат општествените промени“, рече Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС и Национален лидер на тимот на Цивика мобилитас на отворањето на Форумот.

Од името на Младинскиот културен центар Битола, на присутните им се обрати Златко Талевски. Тој истакна дека МКЦ - Битола е долгорочно посветен на развојот на волонтерството во Македонија. „Сакам да му одадам признание на тимот на Цивика мобилитас за организација на овој настан затоа што за прв пат на едно место се собрани сите организации и институции кои работат со волонтери. Зголемувањето на нашата меѓусебна соработка ќе придонесе да се развива волонтерството во Македонија“, рече Талевски и заврши со идејата што го води МКЦ - Битола во развивањето на волонтерството: „Волонтерството не е само бесплатна работа, волонтерството е сила што креира и развива“.

Националниот форум Цивика мобилитас го организира заедно со нејзините институционални грантисти: Анима мунди, Меѓаши и Солидарност; акциски грантисти: Црвен крст на град Скопје и Диверзити медиа како и со Волонтерскиот центар Скопје; МКЦ-Битола; Националниот младински совет на Македонија; Национален совет за развој на волонтерството; Сојуз на извидници на Македонија.

 

Прославата заврши со забава во организација на Таксират со цел да им се заблагодари на волонтерите од Македонија за сиот нивен добар ангажман во текот на цела 2015 година. Таа се состоше од настап на групите ПМГ КОЛЕКТИВ, Sethstat, The John како и ди џеј сетови на Robotek и Дарко Јорданов и Нино Наумов.

 

Tagged under

Во рамките на проектот на УСАИД за граѓанско општество имплементиран од ФООМ, во текот на 2015 година беа одржани 4 циклуси на обуки за волонтерство и волонтерски менаџмент. Обуката им овозможи на учесниците да го разберат концептот на развој на волонтерство во рамки на граѓанскиот сектор, ги мотивира да го развиваат волонтерството во рамки на своите организации и им даде вештини и знаења за креирање и спроведување организациска програма за волонтерство. 

 

Во рамки на обуката беа разработени следниве сегменти:

- разбирање на вредностите на волонтерството 

- законска рамка за развој на волонтерството во РМ

- разлики во концепти: помагање на заедниците, волонтерство, практикантство и стажирање

- циклус на развој на волонтерството и ефективен волонтерски менаџмент

- мотивација, регрутација и мобилизација на волонтери

- систем за поддршка на волонтерите (ориентација, обука, супервизија и задржување волонтери)

- препознавање и признавање на волонтерските ангажмани

- чекори за креирање волонтерска програма во граѓанска организација

 

На обуките присуствуваа над 80 учесници, претставници на над 30-тина граѓански организации од Македонија. Обучувачи беа Златко Талевски од МКЦ-Битола и Марјан Забрчанец – граѓански активист.

 

Tagged under

Во рамките на проектот „Граѓаните во акција -  Локални волонтерски стратегии“, на МКЦ-Битола, Советот на општина Битола на својата седница одржана на 29 јануари 2015 година ја усвои „Стратегијата за развој на волонтерството во општина Битола 2015 – 2018“.

Се очекува документот да биде основа за стимулирање на волонтерски активности на локално ниво и поддршка на волонтерските организации да дејствуваат како посредници помеѓу граѓаните (волонтери) и можностите за волонтирање во локалните заедници. Креираната локална волонтерска стратегија ќе им помогне на локалните власти во напорите за социјален и економски развој на локалната заедница и ќе придонесат за одржлив развој на волонтерството во општина Битола.

Документот можете да го превземите тука.

Проектот е имплементиран од Младински културен центар – Битола и партнерските организации Институт за развој на заедницата – Тетово и Совет за превенција против малолетничка деликвенција – Кавадарци и е поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија.

 

Tagged under