Today: 18.Aug.2017
Волонтирање во заедницата
Волонтирање во заедницата (7)

30.May.2014 Written by

Локални волонтерски акции сe форма на краткорочно локално волонтирање кои овозможуваат локалното население без оглед на возраста, образованието и верувањата да придонесе во развојот на локалната заедница и изнаоѓањето на решенија за социјалните проблеми. Од друга страна, локалните волонтерски акции го поттикнуваат социјалниот и личниот развој на волонтерите.

Локалните волонтерски акции се тематски и можат да придонесуваат за заштита на животната средина, да овозможуваат работа со деца од ранливи групи, помош на стари лица, логистичка поддршка на јавни настани, хуманитарни активности за одредена целна група или поединци, реновирање на одредени објекти важни за локалната заедница и слично.

29.May.2014 Written by

ВОЛОНТЕРИ

-Активирајте се за помош во локалната заедница

-Корисно пополнете го Вашето слободно време

-Можност за стекнување на волонтерско искуство

-Подобрете ги Вашите вештини: комуникација, тимска работа, одговорност, лидерство...

-Давате личен придонес во подобрување на средината во која живеете

-Можност за добивање на волонтерска книшка во која се евидентира Вашето волонтерско искуство

-Нови контакти, нови познанства и нови предизвици

Побарајте пријава за волонтер во најблискиот локален волонтерски центар или превземете ја тука(Пријава за волонтер).

 

ОРГАНИЗАТОРИ НА ВОЛОНТЕРСКА РАБОТА

-Отворање на Вашата организација за младите и давање на можност за нивно активирање

-Подобрена ефикасност и ефективност во Вашата работа

-Подобрено давање на услуги на Вашите корисници

-Обезбедена помош во изработка на волонтерска програма, развој на волонтерски позиции и подготовка на договор за волонтирање

-Обезбедена обука за волонтерски менаџмент на вработените во Вашата организација кои ќе бидат супервизори на волонтерите

-Можност за долгорочна соработка на партнерски проекти за промоција и развој на волонтерската работа

Побарајте пријава за потреба од волонтери во најблискиот локален волонтерски центар или превземете ја тука(Пријава за потреба од волонтери).

 

ВОЛОНТИРАЊЕТО НЕ Е БЕСПЛАТНА РАБОТНА СИЛА, ТУКУ СИЛА ШТО КРЕИРА И РАЗВИВА!

30.May.2014 Written by

Од реализацијата на практиката во изминатите 5 години вкупно се пријавени над 1700 заинтересирани волонтери. Од нив се обучени и сместени вкупно 375 волонтери во 7 градови во Македонија на тримесечно волонтирање со покриен надоместок за патни трошоци и исхрана. Како организатори на волонтерска работа се вклучија над 120 институции и организации со кои имаме потпишано Меморандум за соработка за вклучување во ЛВС.

Организаторите на волонтерска работа имаа корист од преку 90.000 работни часови што волонтерите ги исполнија со нивниот ангажман (во просек околу 4 часа дневно). Поради извонредните резултати и позитивниот ангажман на волонтерите на 50% од нив им беше продолжен волонтерскиот договор, а една третина од нив продолжија да примаат и волонтерски надоместок со средства на организаторите на волонтерска работа.

Од досегашната имплементација на ЛВС околу 25% од ангажираните волонтери после завршувањето на тримесечното волонтирање добија Договор за повремено ангажирање или Договор за вработување во институцијата или организацијата.

Анализата на евалуацијата од досегашните циклуси на ЛВС покажува дека волонтерите во голема мера ја подобрија ефикасноста во работата на самите институции и дадоа голем придонес во подобрување на процесот на давање на услуги на граѓаните. 

Резултатите од следењето на личниот развој на волонтерите ги покажаа следните параметри:

  • Кај 80 % од волонтерите имаме значително подобрување на нивната одговорност за почитување на рокови и почитување на нивните колеги.
  • Кај 90% од волонтерите значително се подобрени комуникациските вештини, а кај 10 % останаа на исто ниво.
  • Тимската работа и лидерските вештини се подобрени кај 90% од волонтерите, особено  во делот на водењето на проекти, соработката со колегите и активното учество на состаноците на тимот.
  • 100% од волонтерите вклучени во ЛВС сакаат да продолжат со волонтирање и да го препорачаат ЛВС на своите роднини, познаници и пријатели.

Активностите на ЛВС придонесуваат за имплементација на Законот за волонтерство во Република Македонија на локлано ниво. Преку  локалниот волонтерски сервис се овозможуваат нови пристапи за организирано волонтирање во местото на живеење, во својата локална заедница. Со тоа, се надминуваат поранешните состојби на непланско и неорганизирано волонтирање кога волонтерскиот труд не беше ценет и најчесто беше поистоветуван со неплатен труд или губење на време.

 

30.May.2014 Written by

Локалниот волонтерски сервис (ЛВС) на Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ-Битола) е волонтерска практика и систем кој овозможува организирано долгорочно волонтирање за млади луѓе да волонтираат во местото каде што живеат, во своите локални заедници. Целта на програмата е поддршка на одржлив развој на волонтерството во Македонија преку воведување на волонтерски програми во јавни институции, државни органи, локални самоуправи и НВОи, преку имплементација на Законот за волонтерство на локално ниво. Целна група се млади од 18 - 35 години, локалните заедници каде има волонтерски инфо точки, НВО секторот, јавните институции, локалните самоуправи и државните органи. 

Со цел за развој на квалитетен систем за волонтерски менаџмент и придонес во решавањето на проблеми во локалните заедници,  практиката предвидува мобилизација на волонтери и развој на волонтерски позиции во општински администрации, правосудни органи, државни органи и агенции, како и во граѓански организации. Целта е  да се надминат поранешните состојби на непланско и неорганизирано волонтирање кога волонтерскиот труд не беше ценет и најчесто беше поистоветуван со неплатен труд или губење на време.

Улогата на МКЦ-Битола и партнерските организации е посредување меѓу желбите и мотивацијата на волонтерите од една страна и потребите за пополнување на конкретни волонтерски позиции во институциите од друга страна. 

ЛВС е систем за ефикасно поклопување на понудата и побарувачката за волонтери кој ги следи принципите за квалитетен волонтерски менаџмент.  

 

30.May.2014 Written by

Според Законот за волонтерство во Република Македонија, организатори на волонтерска работа можат да бидат:

- здружение на граѓани и фондација;

- верска заедница и религиозна група;

- јавна установа 

- орган на државна власт и

- единица на локална самоуправа и Градот Скопје

Секој организатор на волонтерска работа должен е да има програма за волонтирање. Во неа се утврдува потребата од волонтерска работа, бројот на ангажираните волонтери, видот на волонтерските услуги, како и начинот и постапката за обезбедување на волонтери.

Законот за волонтерство во Република Македонија го регулира организираното долгорочно волонтирање, но не ја ограничува можноста за волонтирање од непостојана или случајна природа на доброволна основа. Тоа практично значи дека по слободна волја можете да се вклучите во активности за помош и поддршка на други лица или за развој на Вашата локална заедница. Бидете активни – волонтирајте!

30.May.2014 Written by

Волонтер може да биде секој кој има желба, волја и мотивација да волонтира.

Волонтер е лице кое дава услуги, вештини, знаења и време во корист на други лица или организации на доброволна основа, без притоа да очекува или да добива финансиска корист.

Честопати се вели дека волонтирањето нема цена, туку дека тоа е бесценето. Дефинитивно, волонтирањето не може да се гледа само како работа без пари. Поточно, волонтирањето не е мотивирано од финансиска добивка како примарна мотивација. Значи, волонтерот не добива плата и не е вработен. 

Според Законот за волонтерство во Република Македонија, за време на долгорочното организирано волонтирање, волонтерот има право на надомест на трошоци поврзани со волонтирањето, но само во случај ако е така договорено. Овие трошоци можат да вклучуваат трошоци за храна, патни трошоци од и до местото на волонтирање и трошоци за обука поврзана со волонтирањето. Максималниот законски износ за надомест на овие трошоци е утврден на 15% од просечната бруто плата исплатена во РМ за претходната година. За 2013 година овој надоместок беше во максимален износ од 4.601 МКД, а за 2014 година максималниот месечен износ е 4.654 МКД.

 

30.May.2014 Written by

Постојат три клучни карактеристики што го дефинираат поимот волонтирање:

1.Активностите што ги извршуваат волонтерите не треба да бидат преземени со финансиска добивка како примарна цел.  Сепак, во одредени случаи волонтерот има право на надомест на однапред договорени трошоци поврзани со трошоци за превоз и исхрана за време на волонтирањето како и трошоци за сместување доколку е потребно.

2.Активноста треба да биде на доброволна основа, односно врз основа на слободната волја и избор на самиот волонтер.  Во одредени случаи има отстапувања од овој принцип, како што се програмите за волонтирање во училиштата во кои се охрабрува но понекогаш и задолжително се бара учество на учениците во волонтерски активности.

3.Активноста треба да биде во корист на други лица или пошироката заедница, а не на самиот волонтер или членовите на неговото најблиско семејство. Сепак, се признава фактот дека волонтирањето придонесува и за личен развој на самиот волонтер.

Во целина на оваа концептуална рамка можат да се идентификуваат следните типови на волонтерски активности: помош во заедницата и самопомош, филантропија, служење во зеедницата, граѓанско учество, граѓански активизам, застапување и волонтирање во кампањи.